Четириесет театарски фотографии на Љупчо Илиевски, колор и црно – бели, снимени по разни поводи на фестивалот Млад отворен театар (МОТ) од синоќа се изложени во градската уметничка галерија на Кривопаланечкиот музеј.
Изложбата насловена „Припитомување на крикот“ е дел од програмата на Меѓународниот театарски фестивал Св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка.
– Нашата интенција е секоја година да го збогатуваме фестивалот со дополнителни манифестации и настани. Така, во 2015 организиравме изложба сценографија, лани работилница маски, а годинава изложба од извонредниот Илиевски, како и три промоции на книги кои ќе ги надополнат фестивалските денови, изјави Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.
Фотографиите се работени во период од 15 години, од 1982 до 1996 година, а на истите, меѓу останатите, се застапени и нашите легендарни актери Благоја Спиркоски-Џумерко, Кирил Ристовски, Мина Угриновска, Бранко Ѓорчев, Илко Стефановски и други.
– Театарската фотографија е моја голема љубов, и нескриена, докажана на себе својствен начин, зашто бара искреност, чесност и „цел човек“ – целосно посветен во мигот на, според Венко Андоновски, „припитомување на вечноста и нејзин превод на визуелен јазик разбирлив за човекот“. Во фотографиите водев сметка за запазување на моите параметри, да се застапени повеќе македонски театри, меѓу кои има бројни наши не глумци, ами глумчишта, да ја претставам големината на македонскиот бренд МОТ, на кој речиси и да нема земја од светот што не настапила и секако, несвојствено мешајќи ги живо во поставката црно-белите и колор фотографии, да ја прикажам неизбежната технолошка прогресија која ги потисна црно-белите филмови, рече авторот Љупчо Илиевски.
Ова е трето претставување на Илиевски пред кривопаланечката публика, по „Кокино-мистичен шепот на вечноста” и „Преспа -убавината ја живееме“.
– Од овде заминувам за Охрид, па во Албанија и Грција каде ќе се обидам да ја доловам убавината на Преспанското езеро од овие страни, со надеж дека ќе направам исто толку добри фотографии како и од Македонија. Преспа е заспана убавица која е неправедно запоставена, а бидејќи е 3Д-припаѓа на три држави, ќе се обидам да ги заробам со објективот миговите од вечноста и од тие 200 километри од другите страни на кои е распослана, за да ја комплетирам во целина, дополни Илиевски.