Во Културниот Центар на Република Северна Македонија во Таксим, Истанбул вчера беше отворена изложба на нашите уметници на тема „Архиарт-истражување на урбани феномени“.
Изложбата е продукт на истражувањето на просторните искуства од градот на академскиот уметник Роберт Цветковски и архтектите Ален Цветковски и Натали Велеска – уметници од Крива Паланка.
– Поставката се состоеше од уметнички дела како експресија на емоциите од урбаниот прстор на уметникот, во контраст со композиции од фотографии, скици и алатки на истражување во дизајнерскиот процес користени од архитектите, со цел да се истакнат разликите и сличностите на перцепциите на градот на творците. Како реакција на современиот урбан архитектонски дизајн и идеја тој создава свој сопствен архитектонски простор, со свои сопствени правила од свои емоции, рече Натали Велеска, архитектка чиишто дела беа дел од поставката.
Од друга страна како што посочи, е современиот архитект кој е приморан да твори по систем на строги правила и закони, користејќи истовремено безброј уметнички методи кои ги прават неговите дела уникатни и ги претвораат во уметнички дела.
Велеска информира дека на изложбата, покрај останатите посетители, присуствуваа и конзулот на Р.Северна Македонија во Истанбул, Актан Аго, како и директорот на културниот центар Рамадан Рамадани.
Изложбата е одржана со почитување на сите мерки за претпазливост од ковид-19, со носење маски, држење на растојание и ограничен број присутни во ист момент.