Во турскиот град Ајдин, во организација на Здружението на иселениците од Македонија во градот Ајдин, а со финансиска поддршка на Општината Ајдин, се одржа културно – уметнички фестивал на кого што учество зедоа бројни фолклорни групи од Македонија и Турција.
На манифестацијата и оваа година присуствуваа голем број на иселеници од Жупа, Река, Дебар, Скопје, Валандово, Кавадарци, Битола и други градови, кои се иселиле во Турција по Втората светска војна.
Манифестацијата беше збогатена со културно уметничка програма на којашто со овации беше поздравен и настапот на музичката фолклорна група – КУД „Јане Сандански“ од Неготино, кои покрај другото се преставија и со познатите македонски ора „Тешкото“, „Скудринка“, „Невистинското“…
На покана на градоначалничката на градот Ајдин, Озлем Черчиоглу, оваа година специјални гости на фестивалот беа и градоначалниците на општините Новаци и Могила, Љубе Кузманоски и Јасмина Гулевска. И двајцата градоначалници на гала вечерта се здобија со плакети за меѓуопштинска соработка. Градоначалниците во текот на еднонеделната посета во Турција, остварија повеќе средби со градоначалници од општини во градот Ајдин на кои што беше договорено збратимување на општините и заедничка соработка во повеќе области како и реализација на проекти.
Со повлекување на Турците од Македонија во времето на Југославија после 1940-тите години, голем број од нив се населиле во турските градови Измир, Ајдин, Маниса и Истанбул.
Иако поминале повеќе од 70 години, сепак тие својата култура и традиција сеуште ја задржале. Многумина во градовите каде што се доселиле сеуште го говорат македонскиот јазик, кој што како аманет и спомен од татковината постарите генерации им го пренесуваат на младите. Но, не само македонскиот јазик, туку и македонската музика и македонските народни обичаи. Карактеристично за овој дел од Егејот на Турција е тоа што во говорењето на турскиот јазик се употребуваат и македонизми (зборови кои што не можат да ги разберат анадолиските Турци).
Во заедниците каде што живеат иселениците од Македонија, имаат основано голем број здруженија на граѓани преку кои што организираат различни настани и активности, екскурзии и иселенички средби.