Изложба на скулптури, од гевгелискиот уметник Дамјан Ѓуров,насловена „Лунарно-Соларно, Камено-Метално, Клин“ денеска беше отворена во Народниот театар во Гевгелија со примена на мерките за заштита од Ковид-19.
Ѓуров на гевгеличани им понуди 25 дела изработени од различни материјали, преку идејна концепција од три циклуси.
–Преку циклусот „Лунарно-Соларно“ ја потенцирам потребата од симболично доживување на светот и неговиот космоген карактер во рамките на соларниот систем. Во циклусот ,,Камено-Метално,, се навраќам повеќе на земскиот карактер и поопипливо ја доловувам архаичната димензија кај човекот, за на крај во циклусот ,,Клин,, при сосема различен пристап, симболично го соочувам човекот со егзистенцијалните проблеми и неговото присуство во општеството, објасни авторот Дамјан Ѓуров.
Скулптурите на Ѓуров,кои досега биле поставени во неколку градови во земјава гевгеличани ќе можат да ги видат секој работен ден од 9 до 15 часот.