Во Друштвото на писателите на Македонија утре (петок, 23 февруари) во 12 часот ќе се одржи трибина под наслов „Критиката – актуелни аспекти“. Во дебатата со свои искажувања ќе учествуваат десетина истакнати критичари, есеисти, универзитетски професори, теоретичари и писатели, а модератори ќе бидат д-р Маја Јакимовска Тошиќ и д-р Соња Стојменска Елзесер.
Трибината за актуелните аспекти на книжевната критика ја организираат Институтот за македонска литература при Универрзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Друштвото на писателите на Македонија. Повод за дискусија е објавувањето на зборникот „Критика и молк: читање на македонската литература и култура“ со трудови од меѓународната научна конференција што Институтот за македонска литература ја одржа во МАНУ минатата година. Во зборникот, на 480 страници, се објавени искажувањата на педесетина македонски и странски проучувачи на литературата и културата, професори и критичари од повеќе академски центри, како и осведочени проследувачи на книжевноста и уметностите од македонската културна сфера.