Во чест на Лауренчиќ основано првото македонско движење за поддршка на креативноста

Од:

Движење за поддршка на креативноста е основано денеска во Скопје во чест на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ.

Поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови е клучната цел на новото движење.

– По една година од смртта на Иво Лауречиќ денеска го формиравме Движењето за поттикнување млади кадри и поврзување на млади и креативни кадри со претприемништво. Во Македонија постојат многу приватни иницијативи и претприемачки иницијативи за развивање нови производи и она што го чувствуваме сега е дека нема поврзување меѓу креативниот и производниот дел и често пати производите кои навистина заслужуваат повисоко ниво на пазарот, повисок третман на пазарот ја губат душата со тоа што не се поврзани со креативноста на младите луѓе, изјави бизнисменот Светозар Јаневски, кој беше избран за претседател на Движењето.

Иницијативниот одбор на движењето оценува дека на Македонија не и недостигаат креативни, талентирани и образовани, пред се млади луѓе, ниту пак од друга страна претприемачки идеи за нови услуги и производи. Својата мисија, како што беше истакнато на основањето, Движењето ја гледа токму во нивното поврзување, во поврзувањето на креативноста и на потенцијалните нови производи, но и во охрабрувањето да ги реализираат своите идеи на пазарот и во општеството.

Работата на новото граѓанско здружение ќе биде јавна, а неговите цели и задачи ќе се остваруваат преку организирање настани, конкурси, натпревари и креативни работилници наменети за талентирани поединци од областа на дизајнот, маркетингот, комуникациите и останатите сродни дејности. Воедно здружението ќе работи и на подигнување на свесноста во јавноста за потребата од поголеми вложувања и иновации во уникатноста и идентитетот на домашните производи и услуги и градењето силни национални брендови.

На основачкото Собрание на Движењето присуствуваа голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академската заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, беа усвоени статутот и останатите документи што ги содржат мисијата, визијата, целите и задачите на движењето. Беа избрани и членовите на органите на управување.

Беше упатен апел до сите заинтересирани професионалци од различни бранши, со различни афинитети и способности, докажани во своите средини, но пред се луѓе со космополитски дух, да се приклучат кон Движењето и со својата работа и знаење да придонесат кон остварувањето на неговата благородна мисија.

Иво Лауренчиќ е еден од основачите на современата македонска креативна и маркетинг индустрија.  Како сопственик на една од првите маркетинг агенции во Македонија, која успешно функционира на пазарот веќе 20 години, Лауренчиќ беше силен поддржувач на креативноста и ментор на голем број млади талентирани кадри кои го учеа занаетот за маркетинг и продукција токму од него и кои подоцна направија богати професионални  кариери. Лауренчиќ е создавач на првите брендови во Македонија, меѓу кои е и брендот „Скопско“, а креатор е и на првите политички кампањи со доаѓањето на плурализмот во земјата. Тој го создаде и еден од првите филмови по нејзиното осамостојување „Ден во Македонија“, а неговиот креативен потпис стои и зад серијалот од 1.060 емисии „Говорете Македонски“, кој се прикажуваше на Македонската телевизија.

Негово дело беше и кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица, постојам“. Со создавањето на театарската претстава „Кутрите мали хрчки“ воведе нов начин во креирање и промоција на оваа уметност во земјава, а преку телевизиската серија „Од денес за утре“ се обиде да внесе и нов начин на размислување и ангажирање на маркетингот во функција на телевизиската играна продукција.

Роден е во Шибеник, Хрватска, а неговиот животен и работниот век го помина во Белград, Загреб и Скопје. Неговите професионални почетоци се поврзани со филмската режија и работата на документарниот филм. Повеќето негови дела, како што е серијата документарци за јадранските острови „Илјада камени бродови“ добија антологиски карактер и останаа запишани во учебниците по режија.

Во текот на својата богата професионална кариера посветена на креативниот израз и маркетинг комуникациите, Лауренчиќ создаде над 300 комуникациски проекти и над 400 видео форми во филмската и креативната индустрија, за што е добитник на повеќе од 50 домашни и меѓународни награди и признанија.

Повеќе информации за Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ има на интернет страницата www.bravosine.mk.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска