Во Богданци денеска почна со работа седмата меѓународна графичка работилница „Софија“ на која учествуваат 18 уметници-графичари од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Сараево, Љубљана, Загреб и Софија.
Собирот на графичари има цел на младите и талентирани автори да им овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела бидејќи графиката како специфична техника е помалку застапена во целиот регион.
Ментор на годинашнава работилница, која ќе трае до 2-ри септември, е Аница Радошевиќ, редовен професор на Академијата за уметности во Нови Сад. Завршната изложба на создадените дела ќе се одржи на 2-ри септември веднаш по затворањето на графичката работилница во Богданци.
Во рамки на манифестацијата „Богданско културно лето“ графичката работилница „Софија“ прв пат се одржа во 2008-ма година и досега во неа учествувале над 100 млади графичари од целиот регион под менторство на истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и Хрватска.