НУ Народен театар-Битола вечер во културниот простор „Нова сцена“ премиерно ќе ја изведе претставата „Хамлетмашина“ од Хајнер Милер во режија на гостинот со унгарско потекло од Суботица Урбан Андраш.
Во претставата освен текстот на Милер кој за потребите на претставата на Македонски јазик го преведе Наташа Аврамовска, користени се текстови од Алберт Ками, Вилијам Шекспир, но и од Владимир Илич-Ленин, Карл Маркс, Мао Це Тунг, како и од Дамјан Груев, Кочо Рацин, Никола Јонков Вапцаров, потоа авторски текстови на актерите и драматургот на претставата Билјана Крајчевска.
Предпремиерата на претставата „Хамлемашина“ беше изведена синоќа, а заради експлицитните сцени и јазикот што се употребува во претставата, истата иако е посветена на младите, сепак не е препорачана за лица помлади од 16 години, соопштија од НУ Народен театар-Битола. Во осмата годинaшна премиера на битолскиот театар настапуваат Борче Ѓаковски, Валентина Грамосли, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Маја Андоновска, Никола Пројчевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Сашо Огненовски и Соња Ошавкова. Композитор е Силард Мезеи, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски а светлото е на Димче Спасевски.