Националната установа Центар за култура Битола промовира јубилејно, 50-то издание на државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.
Оваа година, стручна жири комисија за изложување селектира 50 колекции со 577 ликовни творби од основните училишта од цела Македонија, истакна м-р Валентин Соклевски од НУ Центар за култура-Битола.
– Народната култура е обележје на секој народ. Секоја генерација остава дел од својата креативност во богатото културно наследство. Детската фантазија, детската креативност инспирирана од народната култура создава нови визии, нови светови, нов поглед на традиционалните вредности. Половина век, рече Соклевски, изворите од минатото со своите бистри и чисти уметнички бранови ја галат детската имагинација која создава творби кои не носат кон идните патеки од творештвото.
Илјадници деца, ликовни педагози, ментори, организатори и реализатори го создадоа и го одржуваат континуираниот тек на развојот и исполнувањето на мисијата и целите на изложбата. Јубилејната изложба ни носи нов поглед и нова инспирација преточени во прекрасен мозаик од творби изработени во разновидни ликовни техники.
Изложбата е поставена во фоајето на НУ Центар за култура и ќе биде отворена десет денови, соопштија организаторите на културниот настан во овој град.