Во галеријата Прима центар во Берлин, денеска ќе се одржи годишна презентација на четвртата сезона Креативни викенди што се одржуваат во селото Лазарополе, а чија примарна цел е вмрежување на македонските културни и уметнички сцени.
На самиот настан координаторите на проектот Јован Ламбески и Тони Димитров ќе го објаснат концептот на проектот Креативен викенд, а покрај презентација на минатите изданија на проектот и претставување на идеите за следните работилници, публиката ќе има прилика да погледне и фотографии, цртежи, видеа, слики, да чуе поезија, кои произлегоа како резултат на претходните изданија на креативните викенди. Публиката ќе има можност воедно и да се запознае со тоа како поминаа презентациите на проектот кои се одржаа во Белград, Париз, Уден и Скопје.
Главната цел на презентацијата е вмрежување со интернационални артисти, пред се од Берлин, центарот на современите уметнички текови и најмоќната сцена за уметност во моментот.
Покрај презентацијата во галеријата ќе може да се чуе и звучната инсталација „Страв од музика“ на Тони Димитров, чиј дел е снимен во Лазарополе.
Делото поставува едно клучно прашање во современата уметност и ја опсервира реалацијата меѓу уметноста или звукот. Современата уметност е масовен феномен, меѓутоа додека пошироката јавност нема проблеми со прифаќањето на авангардната и експерименталната уметност, сепак, постои масовен отпор кон авангардната и експерименталната музика, иако и двете се појавени во исто време и под слични околности – и покрај фактот што музичарите и уметниците прават постојани обиди да се воспостави синестезија помеѓу двата медиуми. Дејвид Стубс тој процес го нарекува „страв од музика“.
Делото е претходно поставено во Париз, Уден, Скопје и Виница, а во Берлин ќе биде поставено и продолжението на звукот работен во Уден, Холандија.
По Берлин презентација на четвртата сезона Креативни викенди се планира да се одржи и во Мадрид.