Еден од најценетите гитаристи на овие простори, Влатко Стефановски, во Сплит го прими признанието Порин за животно дело, со што дополнително се потврдува неговиот неизбришлив белег на регионалната и меѓународната музичка сцена.
Свеченото доделување се одржа во рамки на неговиот распродаден концерт Acoustic Night во Хрватскиот дом Сплит, каде публиката со долг аплауз и овации го испрати уметникот кој со децении воодушевува со својата виртуозност и автентичен музички израз. Емотивни моменти ја одбележаа вечерта, а Стефановски се заблагодари за признанието присетувајќи се на клучните етапи од својата богата кариера.

Во пресрет на самиот концерт и доделувањето на Порин за посебни заслуги, Стефановски одржа прес-конференција на која ги претстави своите две нови изданија. Станува збор за авторскиот албум Muscle Memory и проектот Guitar Sings, објавени во соработка со Croatia Records. Така, вечерта во Сплит доби дополнителна димензија – не само како признание за досегашната работа, туку и како претставување на нови креативни поглавја во неговата кариера.
Ова престижно признание се доделува за исклучителен придонес во музиката, а во неговиот случај симболизира децении творештво, бројни албуми, меѓународни турнеи и соработки кои го обликуваа звукот на регионот. Неговата работа ги надминува жанровските граници, спојувајќи рок, џез и етно елементи во препознатлив стил.
На свеченоста присуствуваа и бројни познати имиња од јавниот живот. Меѓу нив се истакна Златан Стипишиќ Џибони, долгогодишен пријател и соработник на Стефановски, како и Вјекослава Хулјиќ.
