На фестивалот „Охридско лето“, на големата сцена „Долни Сарај“ вечер концерт ќе имаат Камерниот оркестар на Битола и нашиот најпознат гитарист Влатко Стефановски. Уметниците од Битола, заедно со Стефановски и настапот на солистите Михајло Трајковски – Сак, Жарко Јакимоски и Боби Мојсоски ќе изведуваат интересни дела во рамки на проектот „Рок симфонија“.
Камерниот оркестар на Битола е основан пред неколку децении и претставува значаен сегмент во музичкото живеење на Битола. Во почетоците бил составен од група ентузијасти, најчесто со мала музичка наобразба или без неа, но нивниот ентузијазам бил толку голем што за тоа време и во тие услови направиле одлични концерти. Денес Камерниот оркестар на Битола е составен од професионални музичари кои со многу жар ја продолжуваат работата на нивните претходници. Зад себе оркестарот има многу успешни концерти низ државата, учество на сите реномирани фестивали за класична музика и соработка со врвни солисти и диригенти од државата и странство како: Алесандро Д’Агостини, Анатолиј Крастев, Борис Спасов, Иван Кожухаров, Зоран Станисавлевиќ, Саша Николовски – Ѓумар, Сашо Татарчевски, Бисера Чадловска, Ле Фи Фи и др.
На репертоарот на Камерниот оркестар на Битола се наоѓаат дела од сите епохи – од раниот барок, па се до современа класична и популарна музика. Со неговите најпопуларни и најбарани проекти од публиката „Рок Симфонија“ („Rock Symphony”) и „Џејмс Бонд Симфонија“ („James Bond Symphony“) станаа бренд препознатлив низ цела Македонија.
Почетокот на концертот е закажан за 21 часот.