Ликовниот уметник и педагог, член на Македонското научно друштво-Битола, Панде Петровски е годинашен добитник на наградите мапа-портфолио, што ја доделува „Остен“ и наградата на Друштвото на ликовните уметници од Битола, „Борислав Траиковски“.
Петровски е првиот ликовен уметник од Битола, кој добива награда мапа со два заштитени оригинални примероци, кои, како што рече, стануваат дел од ликовната историја во Македонија.
– Мапата или портфолио се дел од едицијата „Светско културно богатство“ и се совпаѓа со 70-годишнината од постоењето на „Остен“. Горд сум на високото признание и посакувам во иднина и други битолчани да го добијат, рече Петровски на денешниот промотивен настан во Битола.
Ликовниот уметник и педагог Панде Петровски ја доби и годишната награда на Друштвото на ликовните уметници-Битола, „Борислав Траиковски“, првиот претседател на ДЛУМ од овој град.
– Со добивањето на високото признание ДЛУМ ќе организира изложба од моите дела, а јас се определив тоа да биде старата битолска архитектура, посочи Петровски.