Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), денеска ќе го промовира зборникот „Конески на 11 јазици“.
Станува збор за зборник од Првата зимска школа на МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот на годинава и беше прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Во Зборникот се објавени препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови на Конески остварени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа, со што делови од творештвото на Конески коишто претходно не беа преведени на сите овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик.
Ова е прв зборник на МСМЈЛК во којшто се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на МСМЈЛК. Истовремено, во Зборникот се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странски македонисти – академиците Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера.
Промоцијата ќе се одржи виртуелно и истата ќа ја отвори ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, по што ќе следи и пригодна реч на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска. Промотори на Зборникот ќе бидат странските македонисти Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана и Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш.