Виолинистот Јован Колунџија и „Гудачите на Св. Ѓорѓе“ на „Охридско лето“

Од:

Познатиот српски виолинист Јован Колунџија заедно со гудачите од „Св. Ѓорѓе“ вечерва во рамките на „Охридско лето“ ќе имаат целовечерен концерт во катедралната црква „Света Софија“, каде ќе изведат Концерт за виолина и оркестар во Е-дур на Бах.

Повеќе од две децении трае соработката на ансамблот „Гудачите на Св. Ѓорѓе“ со Колунџија, а оваа вечер на сцената фестивалската публика во Охрид ќе можат да го чујат и познатиот тенор Зоран Тодоровиќ.

Истакнатиот српски виолинист Јован Колунџија – омилениот ученик на прочуениот Хенрик Шеринг – изгради светска кариера со над четири илјади концерти. Колунџија е основач на Центарот на убавите уметности во Белград „Гварнериус“ (според неговата виолина изработена од мајсторот Гварнери во 1754 год.) кој се занимава, меѓу другото, со промовирање и насочување на млади таленти. Колунџија е добитник на бројни домашни и меѓународни награди и признанија за неговата уметничка и педагошка дејност.

Камерниот оркестар „Гудачите на св. Ѓорѓе“ е формиран во 1992 година на иницијатива на поранешните ученици на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја и професорот Петар Ивановиќ. Во периодот на неговото постоење во овој уникатен ансамбл учествaat повеќе генерации еминентни уметници. Со освојувањето на Првата награда на Меѓународниот натпревар на Музичката младина во Белград во 1996 година оркестарот го потврди својот углед на еден од највпечатливите ансамбли во Србија. Оркестарот има остварено повеќе од 1.600 концерти на сцените низ светот. Оркестарот има издадено 17 компакт-дискови и има остварено бројни радио и телевизиски снимки.

Српскиот тенор Зоран Тодоровиќ стекна меѓународен углед во оперскиот свет со своите исклучителни настапи на врвните светски оперски сцени во Германија, Австрија, САД, Франција, Велика Британија, Јапонија… Пеење и актерска игра студирал во Белград, Франкфурт и Минхен. Неговиот опширен репертоар ги содржи повеќето водечки улоги за драмски тенор во оперите на Верди, Пучини, Чајковски, Доницети, Белини, Вагнер, Бизе, Леонкавало и други прочуени композитори.

Концертот со „Гудачите на свети Ѓорѓе“ во Белград беше прогласен за најдобар концерт на сезоната, а операта „Парсифал“ во продукција на Фламанската опера е прогласена за најдобра продукција во 2013 година.

На програмата на вечерашниот концерт што ќе почне од 21 часот се дела на Бах, Верди, Пучини и Тости.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма