Театарот за деца и млади својата нова премиера „Заспаниот разум раѓа чудовиште или Денес не напишав ни збор“ во режија на Владимир Милчин, ја најави за утревечер.
Директорот Драган Довлев рече дека тимот што победува не треба да се менува, а бидејќи и претходната претстава за млади во продукција на Театарот за деца и млади, “Нашиот клас“ со истиот режисер доживеа меѓународен успех и освои Гран-при на фестивалот „Јоаким интерфест“ во Крагуевац, решил повторно да соработува со Милчин.
Актерот Мартин Јордановски, кој во претставата ја има улогата на Данил Харм, истакна дека оваа претстава го отсликува времето во кое сите живееме, време во кое власта се обидува да биде строга кон сите, да удри по хонорарците, а меѓу нив и актерите што се хонорарци и да прикаже свет чија што иднина е сосема неизвесна.
Говорејќи за сцената на претставата, сценографистот Крсте Џидров рече дека иако овој театар има мала сцена, таа сепак е голема и доволна за сите 11 актери да имаат, пред се, простор за да ги одиграат своите улоги без никаков проблем.
Актерската екипа ја сочинуваат: Драган Довлев како Франциско Гоја, Мартин Јорданоски како Данил Хармс, потоа Мики Анчевски, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ, Тања Кочовска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Симона Спировска и Бојан Кирковски. Сценограф е Крсте Џидров, костимограф Марија Пупучевска, а изборот на музиката е на режисерот Милчин.