Видео проекција и дискусија со хрватскиот визуелен уметник Игор Грубиќ во разговор со кураторката Јованка Попова вечер ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје во рамки на програмата „Видео уметници од Македонија и регионот“.
Избраните видео дела – Angels with dirty faces, 2004-2006; East Side Story, 2006-2008; Capitalism follows Socialism, 2008-2012; Monument, 2015 и How steel was tempered, 2018 што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката пракса на Грубиќ, односно на значајни историски настани, маргинализираните групи и невидливите херои. Видео делата на Грубиќ се карактеризираат со афективен и емпатичен пристап, кој е длабоко хуман и честопати поетски.
Игор Грубиќ, е роден 1969 година во Загреб и е еден од најистакнатите и меѓународно признати хрватски уметници. Неговата уметничка пракса вклучува специфични интервенции во јавниот простор, фотографија и видео. Од 2000 година, тој исто така работи и како продуцент и автор на документарни филмови, ТВ прилози и социјално ангажирани реклами. На 58-то Биенале во Венеција во 2019 година, тој ја претставуваше Хрватска со проектот „Траги на исчезнување (во три чина) “и краткиот, експериментално документарен / анимиран филм „Како се калеше челикот“, со кој освоил повеќе награди, вклучувајќи ги и: специјалната награда на меѓународниот фестивал за анимација Анилог и Анимафест; како и награда за најдобар професионален филм на „АСИФА-Хрватска“ (2018).
Интервенциите на Грубиќ во јавниот простор, како и видео-делата, ги истражуваат политичките ситуации од минатото и сегашноста, притоа пробивајќи го ткивото на реалноста. Критичката, социо-политички посветена практика на Грубиќ се карактеризира со долгорочен ангажман и посветеност на темите што тој ги обработува. Од длабинско истражување на судбината на историските споменици и падот на индустријата до испитување на проблемите на малцинските заедници.
Грубиќ учествувал на бројни меѓународни изложби, меѓу кои и: Биеналето во Тирана (2003); Манифеста 4 (Франкфурт, 2002); Манифеста 9 (Генк, 2012); 50-ти Октомвриски салон (Белград, 2009); Reality Check, MuMOK (Виена, 2009); 11-то Истанбулско биенале (2009); 4. фестивал на фотографии во Манхајм Лудвигсхафен, Хајделберг (2011); East Side Stories, Palais de Tokyo (Париз, 2012); Биенале Гвангжу (2014); Нулта толеранција, MOMA PS1 (Њујорк 2014); Степени на слободата, МАМбо (Болоња, 2015); 5-то Солунско биенале (2015); Cut, МСУ (Загреб, 2018); Небесни суштества, МГ + МСУМ (Љубљана, 2018); Вредности на слободата, Белведере 21 (Виена, 2018), 58. Биенале во Венеција (2019), Биенале во Ереван (2020)
Неговите дела се дел од колекциите на: Тејт Модерн, Музеј на современа уметност во Белград и Загреб, Музеј Штуки, колекциите Кадист и Контакт, уметничката колекција на Телеком, Октомврискиот салон во Блград и др.
Јованка Попова (1980, Скопје) е куратор во Музејот на современата уметност – Скопје и куратор и програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Докторант на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока – современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Во 2019 била куратор на северно македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале. Како дел од програмата на неколку меѓународни конференции и симпозиуми одржала презентации и предавања на Humboldt University Берлин, Goethe University, Франкфурт, Central European University, Будимпешта, Hankuk University of Foreign Studies, Seoul, Kunsthistorisches Institut, Фиренца; Norwegian University of Science and Technology, Трондхејм, Bahcesehir University, Истанбул итн. Претседател е на AICA Македонија – здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.
Програмата „Видео уметници од Македонија и регионот“се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада и Министерство за култура.