Првиот концерт на Драган Спасов-Дац и Александар Митевски ги расположи посетителите на Античкиот театар, каде неколку часа уживаа во изведбата на познати македонски и странски евергрини, преработки од композиции, но и со стиховите од Блаже Коневски и Ана Бунтевска. Концертот се одржа со почитување на мерките за заштита од коронавирусот, одржувајќи дистанца и со маски на лицата.
Актерот и композиторот кои сега се музичко дуо ги изведоа „Љуби ме, и главата горе“ во чест на здравствените работници, „Како Вардар ќе дотечам“ од Зафир Хаџиманов, „За добра стара времена“ од Нови Фосили па се до „У свјету постои једо царство“ од Бранко Коцкица. Најочекуван и најгромогласно поздравен беше хитот „Корона чао“ кој се пееше во еден глас заедно со публиката. Дац и Митевски ја изведоа и ,,Цреши охридски” со која настапија на ,,Охридски трубадури”.
По концертот, дуото и се заблагодари на публиката преку социјалните мрежи, а пак, настанот го организираше „Иноватива“.