Не само Охридско лето, туку воопшто фестивалите, треба да бидат слободни зони, слободна зона на добрата мисла, слободна зона на убавите претстави и уметноста никако не смее да влезе во замката на политичките игри и манипулации, вели селекторот на драмската програма на Охридско лето Ѓорѓи Јолевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Со изведбата на сценската кантата „Кармина Бурана“ на ЛА ФУРА ДЕЛС БАУС од Шпанија започнува годинашното јубилејно 55-то Охридско лето. Како уметник и уште повеќе како долгогодишен селектор на драмската програма, како ги толкувате вишнеењата на Фестивалот и неговото децениско место во одбрана на нашиот севкупен идентитет, местото на земјава во цивилизираниот свет?
Кармина Бурана дефинитивно ќе го означи отворањето на 55-тото издание на Охридско лето, тоа значи еден од најреномираните фестивали во регионот, фестивал со голема традиција, фестивал со феноменални гости во изминатите 55 години, традиција којашто не само што не е за потценување, туку е фестивал којшто се вреднува и вбројува во еден од најреномираните фестивали во Европа. Да се биде 55-годишен фестивал, тоа значи во прегратката на овој фестивал да бидат продукции, театарски претстави и врвни музички имиња, големи дела коишто кружеле низ фестивалите во светот и ја претставувале светската култура на различни точки на оваа планета. Охридско лето се вбројува во фестивалите коишто со достоинство го носат своето име, еден од најреномираните фестивали во Европа.
Колку манифестациите како Охридско лето кои во годините наназад ја одиграле својата мисионерска улога во позиционирањето на нашата автентична творечка мисла на еден поширок простор и наедно ја цементирале нашата неминовна потреба за отворен дијалог со другите култури, во денешно време можат да бидат бастион пред силните налети на кичот и шундот на кои не сме имуни ни самите?
Охридско лето е фестивал кој заслужува еден вид на признание за ширење на вистинската култура и уметност која продира во длабината на човековото срце. Кичот е состојба на духот којшто ги покрива некои надворешни сензори и којшто ја пара душата и духот на гледачот, го разнебитува, го уништува. Доколку, да речеме, туризмот во Охрид и во државата, се посвети на формирање на културни настани коишто ќе бидат адекватни на Охридско лето, ние ќе имаме земја во која ќе цвета културата, уметноста, ќе имаме народ којшто ќе се гордее со вистинските вредности и се разбира ќе го облагородува духот, но налетот на кичот, не само во Македонија, туку и во регионот е толку силен и толку моќен, меѓу другото и поради големата политичка тензија којашто е создадена во регионот, поттикнување на некои страсти коишто се недолични за човекот со големо Ч и кичот е неминовен. Борбата е голема, тешка, долгогодишна и таа ќе биде и понатаму. Она што да речеме е успех, кога дури и поп-културата ќе го надвладее кичот или рокенролот или одредени сегменти во музиката, па и во театарот и во другите уметности, но сигурно дека треба да се истрае во оваа борба, бидејќи уметниците се мисионери на духовноста на еден народ и тоа е борба којашто ќе ја водиме додека сме живи.