Првите честитки по пристигнувањето во театарот „Долби“, Атиџе Муратова и екипата на „Медена земја“ ги добија од странските медиуми, кои ги интервјуираа. Тие им честитаа на успехот кој го постигнале, односно, за номинациите за „Оскар“ во две категории.
„Јас сум многу возбудена вечерва. Многу добро се чувствувам и се надевам на еден ‘Оскар’“, рече Атиџе во првата изјава пред медиумите откако екипата пристигна во Лос Анџелес.
На прашањето, што „Медена земја“ и донел на неа, Атиџе вели дека е премногу среќна бидејќи успеала да добие нова куќа. По пофалбите од водителите и прашањето што носи на неа, Атиџе кажа дека станува збор за скопски шавари. Водителите ја прашаа дали донела мед во Холивуд, а таа рече дека ги чека во Македонија за да го пробаат.
Режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, Атиџе Муратова, кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев позираа пред фоторепортерите на црвениот тепих на овогодинешното доделување на Оскарите.
Документарецот „Медена земја“ е номиниран во две категории – Најдобар документарен филм и Најдобар интернационален филм.