Македонските археолози, денеска се собраа пред Музејот на Македонија, на протестен собир, се против високите казни кои им беа изречени на вработените од нивната институција во случајот кражба на културно наследство од Музејот. Тие држе натписи: „Знаете ли кого казнувате?“, „Казна за културното наследство на Македонија“, „Еве кого казнивте“.
– Нашите колеги со години си работат во оваа професија, тие бие дел од тимовите или дел од раководителите на тимовите кои го открија тоа културно наследство, кои што го донесоа од разни археолошки локалитети тука во Музејот, го документираа, го сместија во музејските депоа, истото тоа културно наследство беше дел од неколку меѓународни изложби. Кога се случи кражбата, тие се затекнаа на такви раководни функции,а притоа кај обвинетите не е пронјаден ниту еден доказ, ниту едно парче археолошки материјал, ниеден артефакт за да може да се тврди дека се тие сторители на кражбата. Обвинителството никогаш не посочи кој го украл археолошкото богатство, рече Марјан Јованов, претседател на Македонското археолошко научно друштво (МАНД).
Според археолозите македонската археологија не претставува копање, крадење, продавање и оттуѓување на националното археолошко богатство. Тоа не треба да се изедначува со несовесното работење, пречекорувањето, искористувањето или какво било друго злоупотребување на службената положба во музејските инстиуции.
Археолозите велат дека постои страв кај нивните колеги од можни последици на нивните работни места заради јавното повикување да се најдат вистинските сторители, но се надеваат дека нема да трпат натамошни репресии.
На денешниот протест беа истакнати многубројните проблеми со кои се соочува македонската археологија и музеите.
– Ги охрабруваме надлежните инстиуции да започнат ефективно да се борат против кражбите, оттуѓувањата и другите форми на загрозување на културното наследство. Посакуваме што поскоро да се откријат вистинските сторители на овие недела, а украдените предмети да се вратат во музеите и јавните установи, рече Јованов, како дел од соопштението на МАНД.
Покрај на поранешниот директор Перо Јосифовски, затворска казна од 6 години и 8 месеци му е изречена на Златко Видевски, Софка Кушовска е казнета со 3 години, Јован Кондијанов е казнет на 3 години, а Дарко Кржовски, кој беше на функцијата директор на Музејот и Андреј Ежов добија по една година затвор.
А.Б.