Со 159 настани, 15 изложби и уметнички перформанси, 13 поетски и книжевни вечери, 40 проекции и голем број дискусии, Автономниот културно социјален центар во Скопје (АКСЦ), вечерва, од 20 часот ја одбележува првата година од формирањето.
Според членовите на АКСЦ, нивното најголемото очекување е исполнето, а тоа е центарот да биде автономен и самоодржлив.
По повод една година од своето постоење, Автономниот Културно Социјален Центар организира настан кој ќе содржи повеќе аспекти кој и досега можеа да се проследат во центарот, но овој пат со побогата целовечерна програма ќе се обидеме заеднички да го прославиме овој за нас голем јубилеј и да придонесеме центарот да продолжи да функционира како креативен отпор кон системот и формите на политичка и економска моќ, врз веќе воспоставените принципи на независност, слобода, солидарност, рамноправност, заемна помош, емпатија…
Програмата ќе започне со групната изложба на македонски уметници кој досега изложувале во просторот (Ѓорѓи Митревски, Ангел Миов, Маја Кировска, Ана Лазаревска, Марија Сотировска, Тони Димитров, Тино Сотировски, Ивана Пирковска, Иван Ивановски, Владимир Лукаш) под наслов Без концепт 2.0, додека во рамките на програмата три пати ќе се одржи и театарскиот перформанс: „ЌЕ ИМА (ЛИ) ВОЈНА – рече уметникот“ на Ивана Атанасова.
Во текот на целата вечер ќе се одвива и отворена џем сесија на Филип Димишковски – клавијатура, Александар Ников – електроникa, Димитар Ивановски – контрабас, во кој може да се вклучи секој кој ќе донесе инструмент и желба да свири.
Покрај ова ќе биде прикажана и историска ретроспектива на настаните во АКСЦ низ фотографии, воедно ќе има и штандови преку кои ќе се претстават различните иницијативи кој функционираат во центарот како Unavision, Кооперативата за храна, Ленка, Солидарност, а ќе има и други изненадувања.
За оваа прилика АКСЦ за прв пат ќе издаде и свој фанзин со најразлични литературни и политички текстови кој ќе може да се подигне оваа вечер.
Воедно со одбележувањето на својот роденден на овој ден, АКСЦ го поддржува и интернационалниот ден „не купувај ништо“ (buy nothing day), кој претставува своевиден протест против консумеризмот и се одбележува традиционално секоја година насекаде во светот, а е една од вредностите за кој АКСЦ се залага.