Од вечерва до 29 август, Општина Карпош ќе пулсира во ритамот на уметноста и културата со манифестацијата „Карпошово културно лето“, која ќе понуди разновидна и жанровски богата програма со настапи на истакнати и млади домашни уметници од различни области.
Манифестацијата ќе се одвива на неколку локации под отворено небо: кај Млечен ресторан, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, на тревникот кај кулите во Козле и на Летната сцена кај карпата на Кеј.
Свеченото отворање е закажано за вечер во 20:00 часот кај Млечен ресторан, со голем концерт на легендите на македонската забавна музика – Зорица Поп Панкова, Драган Мијалковски, Сашо Гигов Гиш, Џон Илија Апелгрен, Тања Тас и младата ѕвезда Ана Петановска, во придружба на оркестарот на Радио Бубамара под диригентство на маестро Дамир Имери.
Во рамките на манифестацијата, свои самостојни концерти на платото кај Млечен ресторан ќе имаат мултиинструменталистот Александар Јовевски, претставувајќи го својот нов албум „Од колено на колено“.
Свој концерт ќе има и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски со неговиот оркестар.
Ексклузивно на Карпошово културно лето, по одржани 40 концерти низ целиот свет, концерт на изворни песни и ора ќе одржи Ансамблот на Стевче Стојчевски, насловен „МакЕдинство“.
Предвидени се две танцувачки вечери на платото кај Млечен ресторан, со настапи на клубовите „Денсерс Јунајтед“ и „Еурека“, чиј членови се светски и европски прваци во латино танци, хип-хоп и модерни танци.
Своја вечер ќе има и популарното академско уметничко друштво АКУД „Мирче Ацев“, со настап на академскиот хор и играорната група.
Овој настан ќе биде како мала најава за нивниот голем Фолклорен фестивал на солидарноста, кој ќе се одржува во наредните денови во Скопје.
Поетско-музичката вечер со наслов „Волкот на љубовта“ ги обединува поетот Тихомир Јанчовски и музичарот Бранислав Николов (Фолтин), со гостување на Андријана Јаневска. Настанот ќе се одржи на Летната сцена кај карпата на Кеј.
Во рамки на програмата, на 19 август ќе биде отворена и ликовната изложба „Капка уметност“ на Елена Галика, на платото кај Млечен ресторан.
„Летното кино“ под отворено небо ќе го прикаже македонскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, на тревникот кај кулите во Козле, до ООУ Владо Тасевски.