Вечер на ЕУ на „Охридско лето“ со концерт на квартет класични гитари

Од:

Музичката програма на годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на „Baltic Guitar Quartet“, во рамки на т.н. „Вечер на Европската унија“ што секоја година веќе традиционално по седми пат се одржува на нашата најголема музичко-сценска манифестација.

Најавувајќи го концертот, селекторката на музичката фестивалска програма Гордана Јосифова – Неделковска вели дека „Baltic Guitar Quartet“ е водечки ансамбл на гитари во Балтичките земји, а членовите на квартетот се победници  на различни натпревари и активни солисти.

Нивната музика е сензитивна, колористична и рафинирана без претенциозност, вели таа, изразувајќи задоволство што продолжува традицијата една од фестивалските вечери да биде резервирана за настап на уметници од државата што во моментот претседава со ЕУ.

Оваа година гости на фестивалот „Охридско лето“ се познатите „Baltic Guitar Quartet“, на кои ова им е првпат да  настапуваат во Македонија.

Јосифова – Неделковска од името на Дирекцијата на фестивалот се заблагодари на Канцеларијата на Европската Унија во Македонија за долгогодишната соработка и поддршка за реализација на ваквите концерти, со уверување дека успешната соработка ќе опстојува уште долги години.

„Baltic Guitar Quartet“ е формиран во 2004 година, а во сегашниот состав квартетот функционира од 2008 година кога белгискиот изведувач Крис Рубенс им се придружи на Зигмас Чепуленас, Сергеј Криницин и Саулиус С. Липчиус. Сите музичари се победници на различни натпревари и активни солисти. Квартетот се усовршувал во областа на камерната музика со проф. Петрас Кунцас, како и во соработката со истакнатите музичари и ансамбли: Los Angeles Guitar Quartet, Оскар Гилија, Пепе Ромеро, Роланд Диенс, Дејвид Расел, Лаура Јанг и дуото Бандини Чијачијарета.

Репертоарот на Baltic Guitar Quartet содржи композиции од различни периоди – од Ренесанса до современа музика. Потрагата по уникатниот звук и нови композиции резултира со нивните сопствени обработки на делата од класичниот репертоар, Балканската музика и рок музиката, а специјално за нив создаваат и познатите композитори. Baltic Guitar Quartet активно настапува со еминентните солисти и ансамбли и е присутен на главните концертни подиуми во Австрија, Белгија, Кина, Кипар, Данска, Естонија, Италија, Јапонија, Македонија, Молдова, Полска, Русија, Чешка, Турција, Украина, Германија, и Велика Британија, настапувајќи во „Berlin Philharmonic“, „Royal Castle“ во Варшава, „Southbank Center“ и „St. James‘s Church“ во Лондон, „Forbidden City Concert Hall“ во Пекинг, како и на најзначајните европски фестивали.

Концертот на познатиот и атрактивен квартет на гитари во црквата „Света Софија“ почнува од 21 часот. На програмата се познати и атрактивни дела на Бокерини, Рукс, Рубенс, Пјацола, Брамс, „Metallica“.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор