Народниот театар – Битола домаќин и организатор на првиот „Шекспир Фестивал“ ја соопшти официјалната програма за првото издание на претстојниот голем театарски настан.
Фестивалот ќе биде отворен следниот петок на 19 јули со претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски која ќе ја изведат актерите од театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санкт Петерсбург, Русија и Народниот театар од Битола. Следниот ден на 20 јули во античкиот театар Хераклеа ќе настапи Националниот театар од Белград кој ќе ја изведе претставата „Хенри Шести“-прв дел во режија на Никита Миливојевиќ.
На театарските сцени во Битола ќе настапат и актерките од Финска Нина Салинен и Катја Крон со претставата „Кралот Лир“, актерите од Националниот театар Тирана ќе ја изведат претставата „Хенри Шести“ – втор дел во режија на Адонис Филипини, додека театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, Калифорнија – САД ќе ја изведе претставата „Бура“ во режија на Џон Блондел. Театарската програма ќе биде заокружена на 25 јули со изведба на претставата „Ричард Трети“ во режија на Ванг Ксиаојинг, а во која ќе настапат актерите од кинескиот Национален театар од Пекинг.
Во рамките на првото издание на „Шекспир Фестивал“ ќе се одржат и дополителни содржини информираат од Народен театар-Битола.
На 22 јули ќе се одржи ОТОА-работилница под менторство на професори од Њујорк и во соработка со студенти од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, а ќе се одржи и панел дискусија на тема „Шекспир денес“ на која ќе учествуваат Том Брд – генерален директор на театарот „Глоуб“ во Лондон, Рандал Мартин – професор на Универзитетот „Њу Брансвик“ во Канада, Рената Сотириади и Вјасчеслав Тресченко од театарот „Таганка“ во Москва и Џон Блондел – професор и директор на театарот „Лит Мун“ во Санта Барбара, САД.