Од утре до петнаесетти септември во древното македонско светилиште манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка ќе се одржи 29. меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.
– Во работата на оваа ликовна манифестација која во амбиенталните услови и сакралноста на просторот побудува креативна конфронтација помеѓу различните култури и ликовни тенденции ќе учествуваат осумнаесет творци од девет земји и како и секоја година ќе создадат дела од кои по по две остануваат во манастирската збирка од колонијата, информира денеска ордан Михајловски, член на советот на колонијата.
На годинашната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ ќе учествуваат автори од Белгија, Грција, Словенија, Романија, Украина, Турција, Бугарија, Србија и Македонија.
– Авторите ќе сликаат по слободен тематски пристап, а создадените дела ќе бидат презентирани на завршната изложба која традиционално се организира пред затворањето на колонијата за пошироката јавност да може да ги види неповторливите ликовни изблици кои сликарите ги пренесуваат на платното, рече Михајловски.
Оваа реномирана меѓународна ликовна колонија се организира под покровителство на управата на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Изложбата со годинашните дела ќе се одржи на 14. септември во галеријата на стариот манастирски конак, а по завршување на колонијата делата ќе бидат презентирани и на изложби во Скопје и повеќе градови низ републиката.