Во Македонскиот народен театар лани се изведени повеќе од 240 претстави и настани, посетени од над 84.500 гледачи, соопшти денеска МНТ, оценувајќи дека успешно ја завршиле 2019 година.
На големата и малата сцена, потсетуваат, се реализираа пет премиерни изведби: „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, „Мој термин“ на режисерот Синиша Евтимов, „Бесачи“ на бугарскиот режисер Јавор Грдев, „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев и „Отело“ во режија на Нина Николиќ.
– По повод 74. годишнината од првата премиера на сцената на Македонски народен театар – Скопје, на 3 април минатата година во фоајето на театарот, беше отворена изложбата насловена „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“. Изложбата е се уште активна и актуелна и секојдневно ја посетуваат голем број посетители, меѓу кои студентите и учениците на основните и средните училишта, наведува МНТ.
Освен големата посетеност од страна на домашната публика во МНТ, како што стои во соопштението, изведбите на претставите ги следеше и театарска публика надвор од државата.
МНТ реализираше поголем број гостувања меѓу кои се издвојуваат: „Разговори во четири очи“ која гостуваше на НИТ Фест, Шилпи театар во Катманду и на Паралел фестивал, Театарот во Покхара – Непал; комедијата „Кец на десетка“ во месец октомври 2019 г. беше изведена на Меѓународниот фестивал на хуморот и сатирата „Ин Виница веритас“, кој се одржува во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница; а во рамките на 54. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, МНТ гостуваше со претставите „Макбет“ и „Силјан Штркот шанца“.
Претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нела Витошевиќ, пред прилепската публика се одигра на отворањето на фестивалот (во официјалната натпреварувачка програма), на 7-ми јуни 2019 година. На затворањето на фестивалот, на 15-ти јуни 2019 г., a во чест на наградените, каде „Макбет“ ги доби наградите за костимографија и сценографија, се одигра и претставата „Силјан Штркот шанца“, по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
На 27-ми јуни, на големата сцена во МНТ, претставата „Макбет“ настапи и на 40. јубилејно издание на „Скопско лето“. Претставата „Галеб“ во месец јуни гостуваше на 27. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Варненско лето“ во Варна и на 13. издание на платформата „Светскиот театар во Софија“ Софија, Р. Бугарија. Актуелната хит-претстава „Мој термин“ гостуваше на 22. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово, во месец октомври.
„Еден месец на село“ на 1 ноември 2019 г. гостуваше на сцената на Црногорското народно позориште, Подгорица, Р. Црна Гора и беше изведена во ревиjалниот дел, а во рамки на затворањето на Биеналето на црногорските театри 2019 г. како и по повод прославата за Денот на Црногорскиот народен театар. Во рамките на билатералната соработка помеѓу Македонскиот народен театар и Народното позориште, Белград, Р. Србија, на 8 декември 2019 г. се реализираше и гостувањето на претставата „Животот е прекрасен“ каде МНТ од страна на директорката Ивана Вујиќ го прими Печатот од Народно позориште – Белград.
МНТ најавува дека гостувањата продолжуваат со уште едно патување во НР. Кина во следниот период.
На големата сцена во МНТ гостуваше „Будење“, во изведба на Guangdong Song & Dance Theater – Народна Република Кина, потоа „Зона Замфирова“, мјузикл на Позориште на Теразијама, Р. Србија, Српско народно позориште од Нови Сад со претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“, поставена според текст на Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски, и претставата „Ноќ на боговите“ по текст на Миро Гавран, во режија на Марко Манојловиќ, а во изведба на Војин Ќетковиќ, Дејан Луткиќ и Небојша Илиќ како и традиционалниот Јапонски „НО“ Театар Јамамото.