На 19. март, во просториите на „Abbaye aux Dames“ (Salle des Abbesses), Каен, Франција, ќе се отвори изложбата „Набљудувања: Светлина“ на којашто ќе бидат претставени уметниците Христина Иваноска, Флор Хелуан, Јане Чаловски, а кураторка на изложбата е Елена Вељановска.
„Изложбата „Набљудувања: Светлина“ и приоѓа на една од основните теми во визуелната уметност: светлината и нејзината улога како активна компонента во уметничката креација и визуелната перцепција. Делата во изложбата ги анализираат визуелните, хроматски вредности на светлината и трансформативната моќ на природната светлина и се обидуваат да ја исликаат темнината, нагласувајќи или менувајќи ги скулптуралните карактеристики на објектите. Од друга страна, тие ги набљудуваат метафоричките, филозофските и духовните значења на светлината. Секој од уметниците во оваа изложба тргнува од поинаква почетна точка во набљудувањето или во работата со светлината. Во нејзината потрага по светлината, Флор Хелуан патува низ историјата на уметноста, за на крај да се фокусира на истражувањето на луминозната хроматика на предисториската обсерваторија Кокино во Македонија. Во потрага по интелектуалната светлина, Христина Иваноска нè внесува во дијалог за трансценденталното значење на светлината и можностите за просветлување преку филозофија и еманципација, додека Јане Чаловски ги испитува можностите на не-визуелно претставување и поетското значењето на светлината.“, пишува Вељановска.
Изложбата била иницирана од страна на Флор Хелуан, по нејзиниот истражувачки престој во Скопје во 2013 година. Изложбата е дел од програмата на фестивалот „Printemps Balkanique“, и е соработка помеѓу Македонија и регионот на Долна Нормандија, поддржана од регионот Долна Нормандија, Францускиот институт и Децентрализирана соработка Долна Нормандија / Македонија.