Љубителите на уметноста в сабота ќе имаат можност да го посетат отвореното студио во селото Слоештица, Демир Хисар, каде што ќе бидат изложени делата создадени на 16-та Уметничка резиденција.
Уметничката резиденција во Слоештица почна на 10 јули и ќе трае до крајот на месецот. Организатор е Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ со поддршка од Министерството за култура.
„Арт Поинт – Гумно“ информира дека поканиле две уметнички двојки што годинава прославуваат три години заедничко живеење и креирање: Мејси Ларгадо Ротман и Кристијан Ротман од Берлин, Германија и Ева Мајер и Арон Мајорош од Будимпешта, Унгарија.
Мејси Ларгадо Ротман потекнува од Миндоро, Филипини каде дизајнирала уметнички разгледници со традиционални фолклорни мотиви. Од 2014 година живее во Берлин каде честопати асистира при изведбата на инсталации/скулптури на отворено на нејзиниот сопруг. Коавтор е на книгата „Птицата Лили“ чија цел е да им ја приближи германската култура на мигрантите.
Кристијан Ротман е уметник со огромен творечки опус. Препознатлив е по виножитниот колорит што вришти од неговите дела и тежнее да се стопи со динамиката од надворешниот свет. Со своите фотопроекти („Ти и јас“, „Мајки и ќерки“ и др.) Ротман постојано патува низ светот. Застапен е во повеќе колекции од Германија до Јапонија.
Ева Мајер е најмладиот добитник на престижната Унгарска државна награда за уметност Мункачи во 2013 година. Таа е графичар и сликар што често експериментира, комбинирајќи повеќе техники. Во нејзиното творештво доминира духовнста со интегрирани религиозни елементи. Мајер е основач и организатор на реномираниот симпозиум за уметност ДунАрт во Шаморин, Словачка.
Арон Золт Мајорош е уште едно од звучните имиња на уметничката сцена на Унгарија, каде ги има освоено сите позначајни национални признанија. Неговите скулптури се дел од национални и приватни колекции во Унгарија, Шпанија, Турција и Мексико.
Посетителите ќе можат да ја погледнат поставката и да се запознаат со уметниците во периодот од 13 до 20 часот.