Фестивалот „Охридско лето“ своето 58-мо издание го продолжува со музичкиот дел, во чии рамки за денеска е предвиден концертот на украинското дуо Жана Марчинска на виолончело и Гана Гусиева на пијано.
Жана Марчинска виолончело и пијано започнува да изучува во Киев. Постојано е активна на музичките сцени, националните и интернационалните натпревари како: „Уметноста на 21-от век“, Градскиот натпревар на млади пијанисти во Киев, Првиот регионален натпревар на млади пијанисти „Свјатослав Рихтер“ и други, како и на голем број фестивали. Во својата кариера Марчинска соработувала со познати оркестри, камерни ансамбли, диригенти и изведувачи. Во 2001 година ја добива Дипломата за најдобра изведба на дело од украински композитор. Редовен гостин е на мајсторски курсеви, меѓу кои и мајсторските курсеви за виолончело и свирење музика од античкиот период предводени од професорот Денис Северин во Високото музичко училите во Женева.
Гана Гусиева дипломира пијано на Конзерваториумот во Одеса, а во 2012 и композиција на Музичката академија во Киев. Добитник е на повеќе признанија на различни интернационални натпревари по пијано и композиција, и повеќе фестивали во и вон Украина. Редовен посетител е на научни конференции во Одеса, Киев, Новосибирск, Виена. Последниве три години живее во Каен, Франција и работи како пијанист во Оркестарот на оперета на Нормандија и како пијано придружба на хорот. Како композитор, Гусиева е автор на голем број дела за пијано, виолина, виолончело, вокал, но и композиции за гудачки, камерен и симфониски оркестар.
На програмата на вечерашниот концерт што ќе се одржи во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ се избрани дела на Зноско-Боровски, Лисенко, Равел, Барбер, Пјацола, Шопен, Василович-Силвестров.