Трпчески со соло рецитал настапи во Барбикан во Лондон

Од:

Виртуозот на пијано Симон Трпчески синоќа со соло рецитал со програма од Шопен гостуваше во престижната лондонска сала Барбикан, каде првпат настапи без придружба на оркестар. Публиката го поздрави со аплаузи, а тој и возврати со пет изведби на бис, соопшти КултурОп.

Во најавата за неговиот прв целовечерен рецитал во Барбикан лондонските медиуми наведоа „Симон Трпчески ја носи сета своја харизма на целовечерниот портрет на Фредерик Шопен“.

Трпчески за Македонското радио изјави дека промоторот во Барбикан центарот изразил желба тој да се претстави со Шопенова вечер. Истакна дека е голема честа да се добие покана за солистички концерт во салата Барбикан во која повеќепати има настапувано со Лондонскиот симфониски оркестар, со кој таму ќе се врати во февруари наредната година.

– За мојот концерт понудив поширок дијапазон од композиторскиот опус на Шопен, негови мазурки, полонези, ноктурна и скерца. Се надевам дека овој концепт ја прикажа разноликоста во неговите генијални творечки вештини и различни музички форми, бидејќи секогаш е голема одговорноста да се изведуваат неговите дела поради нивната деликатност, вкус, стил и интерпретација. Се надевам и дека успеав да допрам до срцата на публиката и да и ги прикажам различните лица на Шопен во овие композиции, изјави Трпчески за Македонското радио, кој на стоечките овации на презадоволната публика во Барбикан им возвратил со дури пет изведби на бис.

По Лондон, Трпчески веќе е на пат за Филаделфија, САД, каде што в петок и сабота како солист на Оркестарот на Филаделфија под диригентската палка на прославениот Џанандреа Нозеда ќе ја изведе „Рапсодијата на тема од Паганини“ од Сергеј Рахманинов.

Инаку, од почетокот на новава сезона, нашиот културен амбасадор ги собра комплиментите за настапите во Романија, Велика Британија, Италија, Чешка, првпат Словачка, Холандија, Соединетите Американски Држави, Италија, Германија и Португалија, а прва декемвриска дестинација ќе биде Катовице, Полска, на концертот со Симфонискиот оркестар на Полското национално радио.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Ана Ололовска

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска