Трето издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје со поглед „Кон дигиталното“

Од:

Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, за првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност и најактуелните иновативни техники во новинарството во светот. Имаме и врвни новинари говорници од дома и странство, а фестивалот го отвораме со филмот „Големиот упад“.

Третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, од 31 октомври до 2 ноември ќе се одржи во Кино Култура, а овојпат погледот го вперува „Кон дигиталното“.

Меѓу иновативните можности и можните нарушувања на приватноста, стојат медиумите, растргнати меѓу потрагата по вистина и притисокот да испорачаат што повеќе кликови. Во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, со поддршка од ФЕС-Скопје, годинешниот фестивал од различни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите во дигиталната ера.

Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, за првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност. Во холот на кино Култура со помош на VR очила фестивалските гости ќе имаат прилика одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио Контраст од дигиталниот оддел на Ал Џезира. Ќе погледнеме како тие успеваат да го насочат вниманието на јавноста кон состојбата на бегалците и заштитата на човековите права. Овој дел од програмата на фестивалот е поддржан од УНХЦР Скопје.

Преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите користејќи вештачка интелигенција ги читаат емоциите од неговото лице. И овој сегмент, како и останатите фестивалски содржини, е бесплатен и отворен за сите посетители.

Третото издание на ИФФС ќе го отвори новинарката Ана Зафирова со панел дискусија посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми, по што ќе биде прикажан „Големиот упад“(„Тhe Great Hack“), документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на Фејсбук корисниците.

За предизвиците со кои се соочуваат медиумите денес, како и насоките во кои може да се исползуваат иновативните алатки, Зафирова ќе разговара со Марија Фернанда Лаурет од Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4.

Покрај презентацијата за покривање актуелни социјални проблеми преку документарци со виртуелна реалност, на ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку video on demand платформите, за користење блокчејн технологија во онлајн медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на Интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција.

Богатата фестивалска програма не ги заобиколува ниту актуелните домашни теми, па на ИФФС ќе ги слушнеме ставовите и стравовите на искусни новинари врзани со предложениот акциски план на Владата за борба против дезинформации и лажни вести.

Фестивалот повторно нуди широка палета на работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Со гостинката од Германија, уредничката Верена Ламерт, ќе разговараме како успешно да се користи Инстаграм за пласирање на горливите прашања кои ја засегаат помладата публика.

Организаторот на ИФФС, Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, неодамна започна две нови програми – Програма за жени новинарки како и Програма за мобилно новинарство, со кои ќе се запознаеме преку разговори за можностите за развој на мобилното новинарство во земјава, како и за предизвиците на жените новинари.

На водечката тема на годинешното издание на ИФФС ќе се разгледа и патот кон дигиталното на домашните редакции, а покрај дискусијата на оваа тема новинарите ќе имаат можност и да го разгледаат примерот за дигитализација на редакцијата на финскиот јавен сервис на работилница со гостинот од Финска, Матијас Еркиле.

Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет („The Decentralized Web is coming“), модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми („The Cleaners“), онлајн закани кон новинарки („A Dark Place“), за ширењето на десничарска пропаганда во Европа („How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe“) и за иновативниот истражувачки колектив Белингкет („Bellingcat – Truth in a Post-Truth World“).

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.
Истражувачкиот филмски фестивал Скопје кој е медиумски настан посветен на истражувачкото новинарство и други медиумски теми и трендови се одржува по трет пат во организација на партнерите Платформа за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и ФЕС Скопје, а годинава поддржувач е и УНХЦР – Скопје.

Првата година фестивалот беше посветен на „свиркачите“, додека лани главната тема беше посветена на потрагата по вистината и справувањето со дезинформациите.

Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ