Третото издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short“ ќе се одржи од денеска до 29 декември во Струга под мотото „Погледни под површината“.
– Под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или корегирани рефлексии на светот во кој живееме. Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од „под површината“ секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли кои со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење, се крие културниот портал кон магијата на филмот, се вели во соопштението од организаторите.
Новина на фестивалот е тоа што за првпат националната, студентската и интернационалната категорија ќе имаат натпреварувачки карактер. Регионалната програма прераснува во интернационална, а селекцијата ќе ја прави Иван Бакрач. Филмската програма ќе биде заокружува со гостинска програма од реномираниот фестивал на кратки филмови „Interfilm“ од Берлин.
– Продолжуваме со отворените мастерклас сеанси и разговори со познати филмски имиња на теми кои сигурно ќе ги заинтересираат младите филмаџии. Годинава мастерклас ќе одржи Ингрид Бирбаум, новинарка, филмски критичар и селектор на документарната програма на „Interfilm“ на тема „Како до фестивалска дистрибуција на краткиот филм“ и „Медени разговори“ со режисерите на „Медена земја“ Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кои пред публиката ќе ги пренесат своите искуства за кратката филмска форма и ќе ги споделат импресиите од неодамнешните успеси. За крај ја најавуваме музичката ОФФ програма како неизбежен белег на нашиот фестивал, со која малку порано ќе ги започнеме празничните прослави, информираат организаторите.