Националниот театар од Пекинг со претставата „Ричард Трети“, театарска компанија од Лајпциг со „Крал Лир“ и театарска компанија од Амстердам, Холандија, со „Отело“, ќе гостуваат на првиот „Битола Шекспир Фестивал“ што ќе се одржи во јули годинава.
Како што соопштија денеска градоначалникот Владимир Талески и директорот на НУ Народен театар Валентин Светозарев, согласно програмата која е веќе утврдена, на фестивалот ќе учествуваат и мини театарот од Љубљана со претставата „Магбет“, како и Српското народно позориште со изведба на „Хенри Шести“ – прв дел.
Градот, нагласија, е подготвен да ги пречека сите гости од државата и странство.
Во Битола ќе настапи и Националниот театар од Тирана со „Хенри Шести“ – втор дел, а театарска компанија од САД ќе се претстави со претставата „Бура“.
„Битола Шекспир Фестивал“ ќе биде отворен со македонската „Ромео и Јулија“ како копродукциски проект со театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Русија.
– На логото на „Битола Шекспир Фестивал“ се претставени пронајдената трагична маска од Хераклеја која датира од 2 век по нашата ера и ликот на Шекспир. Со ова лого потврдуваме дека нашата театарска традиција е многу долга. Подготовките за фестивалот се во тек зашто имаме поддршка од Министерството за култура и општина Битола, истакна Светозарев.
Шекспировиот Хамлет прв на македонската театарска сцена го одиграл битолскиот актер Ацо Стефановски, а во избраното друштво големи актери се и Мето Јовановски, Ѓорги Јолевски, Дејан Лилиќ, како и битолскиот градоначалник Талески.
Според Светозарев, на сцената на битолскиот театар делата на Вилијам Шекспир биле најпоставувани и тоа е само една од причините за организирање ваков фестивал кој, најави, ќе биде традиционален.
– Уметниците знаат дека класиката е вистинскиот „кантар“ за професионалноста, за квалитетот, за актерската игра и за режијата. Вистинските вредности се мерат споредени со светските вредности, со делата на Шекспир. Со оглед дека нашиот е најстар театар во Македонија и воедно е извонредно технички и технолоки подготвен, нема сомнеж дека ќе бидеме домаќини на светски настан. Концептот на „Битола Шекспир Фестивал“ може да се оствари само во Битола, рече Талески.
НУ Народен театар – Битола денеска ја промовираше новата интернет страница на која може да се прочитаат информации за репертоарот, историјатот и други содржини поврзани со театарот.