Театар од Будимпешта со „Сон на летната ноќ“ гостува на „МНТ Фест“

Од:

Во рамки на вториот Меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест“ вечер ќе гостува Националниот театар „Немзети Синхаз“ од Будимпешта со Шекспировата „Сон на летната ноќ“ во режија на Давид Доjашвили од Грузија.

– Претставата зборува за необичната врска помеѓу сонот и јавето. Најчесто се игра како лесна и весела бајка во која се испреплетуваат комични елементи и експлицитна сексуалност. Маѓепсани од љубовта и љубоморните богови, ликовите талкаат низ шумата, но на крајот сите си го наоѓаат својот партнер. Според режисерот Доjашвили, ова толкување се однесува само на површинскиот текст и не го опфаќа подлабокото значење на драмата. Остриот хумор и лежерното расположение играат важна улога во претставата на Националниот театар од Унгарија, но тоа важи само кога е присутна моќната драма на променливите чувства, желби и разочарувања, т.е. темната страна на човекот, информира МНТ за претставата.

Давид Дојашвили режирал претстави и надвор од границите на Грузија – „Сон на летната ноќ“ ја поставил и во Кралскиот национален театар во Лондон, а во Лидз, Велика Британија, ја режирал  „Искушение“ од Артур Милер.

Роден е во Тбилиси каде дипломирал на Државниот институт „Руставели“. Негови познати продукции се и: „Дрво“, „Мадам Бовари“, „Три сестри“, „Саломе“… Во 2000 година првпат режирал и опера – „Лучија од Ламермур“ од Доницети за театарот „Марински“. Неодамна станал уметнички директор на Државниот музички и драмски театар „Васо Абашидзе“ во Тбилиси.

Следен фестивалски термин на „МНТ Фест“ е 5 јуни кога ќе гостува Народно позориште од Белград со претставата „Бело кафе“ на Александар Поповиќ во режија на Милан Нешковиќ.

Би можело да ве интересира

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Џенкинс: Да ги надминеме традиционалните сценски простори, да се вклучиме во заедниците

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он