„Танец“ настапи на фестивал во Рига

Од:

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ синоќа настапи во „Мега паркот“ во Рига, во рамки на Фестивалот на летната долгоденица, еден од најзначајните настани што се реализираат во рамки на манифестацијата „Европска престолнина на културата“.

Амбасадорот на нашата држава и презентер на непроценливото македонско фолклорно богатство се претстави со народните ора „Тешкото“, „Малешевка“, „Драчевка“, „Лазаренка“, „Шопска“, познатите македонски вокални сплетови, како и со рачно изработените народни носии кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи.

– Настапот на „Танец“ во рамки на Европската престолнина на културата е особено значајно важна мисија чија цел е славење на заедничкото културно наследство. Затоа особено сум горд што публиката заедно со ансамблот уживаше во добро познатиот македонски ритам, доживувајќи ја нашата традиција како нешто ново, што ги чини задоволни и љубопитни да дознаат повеќе за македонската култура, изјави директорот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ Зоран Џорлев по настапот.

На фестивалот, кој директно беше пренесуван на Летонската национална телевизија, покрај „Танец“ настапија и музичари, танцови групи и уметници од Индија, Германија, Естонија, Романија, Грузија и Колумбија.

Со поддршка на Министерството за култура во Рига во јули во рамки на Светската хорска олимпијада „Рига 2014“ ќе настапи и женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“.

– Учеството на Република Македонија на оваа значајна културна манифестација ќе придонесе за афирмација на македонската култура и на културните вредности, како и за продлабочување на соработката во областа на културата и уметноста со Летонија, што е во функција на приближување на народите и државите и нивно запознавање со меѓусебната култура и традиција, информира Министерството за култура.

Република Македонија почна со презентација на своето богато културно наследство и современо творештво уште во 2010 година, од кога македонската култура и традиција беше претставена во Истанбул, Талин, Марибор и во Марсеј-минатогодишната престолнина на културата.

Би можело да ве интересира

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат

Поради трагичниот настан во Кочани се одложува Неделата на франкофонскиот филм

Предраг Петровиќ

Концертот на Мариа Мендеш ќе се одржи и ќе биде со хуманитарна цел

Премиера на детската театaрска претстава „Плашливиот Лав“

Предраг Петровиќ