Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ викендов ќе настапи во Рига – европската престолнина на културата во 2014 година, и во две вечери – 21-ви и 22 јуни ќе го претстави богатиот македонски фолклор.
Настапот на „Танец“ е поддржан од Министерството за култура и е во рамки на Фестивалот на летната долгоденица, кој Летонија го организира секоја година и се одржува на отворено. Годинава на фестивалот ќе учествуваaт музичари, танцови групи и уметници од целиот свет.
– „Танец“ пред летонската јавност ќе презентира дел од богатото македонско фолклорно богатство, македонските ора и носии кои претставуваат идентитет и историја на македонскиот народ, соопшти Министерството за култура.
Со поддршка на Министерството, во јули во Рига на Светската хорска олимпијада „Рига 2014“ ќе гостува и Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“.
Министерството за култура потенцира дека учеството на Република Македонија ќе придонесе за афирмација на македонската култура и на културните вредности и за продлабочување на соработката во областа на културата и уметноста со Летонија.
Титулата „Европска престолнина на културата“ оваа година Рига ја дели со шведскиот град Умео, а ја презедоа од минатогодишните домаќини – францускиот град Марсеј и словачкиот Кошице.
Рига е клучен индустриски, трговски, финансиски и културен центар во балтичкиот регион. Познат е историскиот центар на градот со градби во стилот арт нуво и дрвена архитектура, кој е впишан на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на овој проект. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството за заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.
За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката се донесува четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ. Во 2015 престолнини на културата на Европа ќе бидат Монс (Белгија) и Плзен (Чешка), во 2016 – Сан Себастијан (Шпанија) и Вроцлав (Полска), во 2017 – Орхус (Данска) и Пафос (Кипар)
Поради важноста на овие настани, Република Македонија почна да го претставува своето богато културно наследство и современо творештво од 2010 година и оттогаш учествуваше во Истанбул, Талин, Марибор и Марсеј.