Во рамките на офф-програмата на фестивалот „Охридско лето“ синоќа на Античкиот театар во Охрид се одржа целовечерен концерт на ансамблите на народни игри и песни „Танец“ од Република Северна Македонија и „Ладо“ од Хрватска.
Ноќта насловена како „Танец и Ладо под ѕвездите“ донесе дел од богатата ризница на двете земји преку вокално-инструменталната музика и народните танци што како подвижни музеи ги изведуваа двата професионални ансамбли.
-„Танец“ и „Ладо“ се две различни естетики и интересно е да се види тој контрапункт помеѓу нив. Публиката го виде хрватскиот фолклор кој и заради поднебјето и заради процесите што се одвивале, дише со една елеганција, со една прочистена песна, игра и свирка, како и македонскиот фолклор преку „Танец“ кој е фуриозен и полн со набој, рече уметничката директорка на „Танец“ Бранка Костиќ-Марковиќ.
Според неа, „Танец“ самиот по себе е изненадување особено што концертот се случува после долга пандемиска пауза.
-Сите вработени се со еден посебен набој во што се уверивме на претходните концерти. Овој циклус концерти почна во Струмица каде што „Танец“ сам се претстави под отворено небо. Тоа е проектот „Танец под ѕвездите“ со три големи концерти, во Струмица, како и во Битола и во Охрид каде што настапивме заедно со ансамблот „Ладо“ кој по 19 години пауза повторно остварува соработка во нашата земја, дополни Костиќ-Марковиќ.
Како што појасни таа, „Танец“ етапно почна да се враќа на сцената со оркестарот и хорот.
-Поминавме пет градови во земјава и уште таму се виде колку им недостасувала музиката и на музичарите и на публиката. Не е нескромно да се каже дека „Танец“ повеќе од седум децении постои и воодушевува насекаде во светот. Тој е подвижен музеј и вистински амбасадор на македонската ризница, рече уметничката директорка на ансамблот Бранка Костиќ-Марковиќ.
И хрватскиот фолклор преку членовите на „Ладо“ на сцената на Античкиот театар привлече огромно внимание кај публиката.
– Ансамблот „Ладо“ како единствен професионален фолклорен ансамбл по 19 години е повторно во Република Северна Македонија и настапува со нашите драги пријатели и соработници од „Танец“. Сакавме да донесеме комбинација од вокално-иструментална и танцова програма од различни краеви на Република Хрватска, рече директорката на ансамблот „Ладо“ Илеана Јурин Бакотиќ.
Концертот на професионалните ансамбли „Танец“ и „Ладо“ што се одржа во организација на „Охридско лето“ имаше хуманитарен предзнак. Собраните средства од продажбата на билети ќе бидат донирани за потребите на здравствениот систем.