Еминентни конзерватори и реставратори се дел од Меѓународната експертска средба посветена на мозаичното културно наследство во регионот на Југоисточна Европа што се одржува во Охрид.
Експерти од Франција, Италија, САД, како и од земји од регионот, ќе се запознаат со мозаиците откриени околу Охридското Езеро, како од македонска така и од албанска страна.
Во рамки на средбата во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид утревечер од 20 часот ќе биде отворена и изложба на тема „Мозаичното културно наследство на регионот“. Предвидено е и учесниците на средбата да посетат повеќе локации на двете страни на езерото каде се откриени мозаични површини. Работилницата е осмислена како средба на која учесниците и поканетите експерти од областа на заштитата на мозаиците да ги претстават своите работни активности и да ги разменат искуствата од сите области на конзерваторството.
Во рамки на работилницата ќе се одржи и форум на кој ќе се дебатира за можностите за разработување заеднички проекти и обуки за конзерваторите од регионот. Работилницата што се одржува вторпат и ќе трае до шести септември, во организација на Централниот институт за конзервација од Белград и Локалната агенција за развој од Струга, а поддржана од УНЕСКО, ИКОМОС и Фондот на соработка при Централно европската иницијатива – ЦЕИ.