Трета година по ред, по повод празникот Прочка, Општина Крива Паланка ја организира манифестацијата „Сусурига“ во соработка со Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ што го оживеа духот на културното наследство во чест на празникот Прочка.
-Горди сме што нашите улици оживеаја со бројни и живописни маски од градот и регионот, а дефилето, игрите и танците донесоа радост за сите присутни, велат од локалната самоуправа.
И оваа година, додаваат, по повод празникот Прочка со гордост ја организиравме традиционалната манифестација „Сусурига“, која повторно го оживеа духот на нашите корени и културното наследство.
-Овој настан ја потврдува сплотеноста на нашата заедница и љубовта кон културното богатство кое го негува секој жител на Крива Паланка. Дефилето на маските, изработени со уникатност и креативност, заедно со традиционалните обичаи, привлече внимание на сите присутни и случајни минувачи, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
На годинашната манифестација учествуваа гости и ансамбли од регионот и соседството што донесоа вистински празник на културата и традицијата.
-Горди сме што низ оваа автентична и живописна манифестација, испративме порака на единство, радост и заедништво. Овој настан не е само дел од календарот на Општина Крива Паланка, туку е дел од нашиот идентитет и културното наследство кое со гордост го чуваме и го пренесуваме на младите генерации. Да ја чуваме традицијата, таа нè обединува и нè прави препознатливи, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
