Музиката и образованието се генерална тема на 39. Меѓународна музичка научна манифестација „Струшка музичка есен“ што од денеска до 14 септември ќе се одржи во хотел „Бисер“ во Струга.
Манифестацијата која скоро четири децении се реализира на струшкото крајбрежје ќе понуди ретка можност музиколозите, музичките и балетските педагози, музичките теоретичари, музичките медиависти, етномузиколозите заеднички да ги разгледаат прашањата и темите од нивните потесни научни области.
Генералната тема ќе биде обработувана преку анализа на интензивните промени, кои ги зафати музичкото и танцово образование во Република Македонија на сите нивоа.
Струшка Музичка Есен – 2014, во која првпат на заедничка конференција ќе се обединат Сојузот на композиторите на Македонија и Здружението на музичките теоретичари на Македонија ќе има амбиција да отвори дискусија и да ги постави прашањата за квалитетот и квантитетот на музичко и танцово образование, за местото и улогата на музиката и танцот во севкупниот образовен систем во Република Македонија.
Сојузот на композиторите на Македонија ги отвори вратите за трудови кои ги третираат и искуствата од педагошката работа како во формалното и во неформалното образование. Во историски контекст поставени овие прашања ќе бидат дел и од секцијата за музичката медиевистика. И оваа година има простор за трудови со кои ќе се одбележат јубилеите на повеќе македонски композитори, меѓу кои: (Тодор Скаловски 1909-2004 (105 години од раѓање), Трајко Прокопиев 1909-1979 (105 години од раѓање), Глигор Смокварски 1914-1974 (100 години од раѓање), Ладислав Палфи 1924-2008 (90 години од раѓање), Томислав Зографски 1934-2000 (80 години од раѓање), Михајло Николовски 1934-1994 (80 години од раѓање), Стојче Тошевски 1944-2008 (70 години од раѓање), Живојин Глишиќ 1954 (60 години), Гоце Коларовски 1959 (55 години од раѓање).
Посебен простор годинава има за ликот и делото на Калистрат Зографски во чија чест во Центарот за култура на Струга, в сабота ќе биде организирана изложба и беседа по повод 100 годишнината од неговата смрт.
Струшка Музика Есен е единствената платформа на годишно ниво која ги третира сите прашања поврзани за науката, теоријата и практиката на музичката и танцовата уметност во Македонија