Струмица опен фестивал од утре до 19 август

Од:

Од утре до 19 август Струмица ќе живее во ритамот на седмото издание на Струмица опен фестивал. На уникатните сцени на отворено ќе гостуваат најдобрите македонски, балкански и светски артисти, соопшти Здружението „Културно-забавен живот“ од Струмица, организатор на фестивалот.

Десетдневниот фестивал на сцената кај Чешмичката утревечер ќе го отвори проектот на Камерниот оркестар на Битола насловен Рок симфони (Rock Symphony).

Задутре ќе се одржи второто издание на македонско-бугарската турнеја „One Lovе“ која споделува една љубов преку границите на Македонија и Бугарија. Ќе настапат „Слаткаристика“, „Некст тајм“, „Графа“, „Оратница“, „Саф саунд систем“ и „Јојо ѕвездичките“.

Меѓу најспецифичните настани на Струмица опен фестивалот низ годините е вечерта посветена на џез-музиката. Годинава на 12 август од 22 часот на сцената кај Чешмичката ќе настапат бендовите Сашо Поповски Трио и Fierce. Членовите на Скопскиот брас квинтет, пак, ќе ги покажат лимените дувачки инструменти во една поинаква улога. На 13 август на Езерцето од 22 часот ќе изведат концертен настан надвор од класичниот репертоар со хитови од „Квин“ и „Битлси“.

Од 13-ти до 15 август во Струмица ќе се одржи петтото издание на забавната Летна школа за гитара. Предавањата со виртуозот Влатко Стефановски ќе бидат на 14-ти и 15 август, а истата вечер на Езерцето ќе се одржи и завршниот концерт на кој ќе настапат сите успешни учесници на школата заедно со нивните предавачи.

„Нокаут“ ќе ги донесе најромантичните звуци на препознатливата сцена во градскиот парк. Бендот ќе настапи како дел од културно-уметничката програма со целовечерен концерт на 14 август од 22 часот на Езерцето. На таа локација од 22 часот на 16 август ќе настапи Каролина Гочева, која првпат ќе одржи голем концерт на отворено пред струмичката публика.

На завршните три вечери (17-ти 18-ти и 19 август) на Струмица опен фестивал ќе настапат и Тамара Тодевска, Владо Јаневски, Тони Цетински, Марија Шерифовиќ, Лепа Брена, Либеро бенд, Црвена јабука, Дубиоза Колектив, Саша Ковачевиќ, Аfishal, Ted Dettman b2b Sal Sonder, Divolly&Markward и Astra-ion project.

На повеќе сцени во Струмица во јули се реализираше оф-програмата на фестивалот и се одржаа низа културно-забавни манифестации.

Настаните на седмото фестивалско издание се бесплатни за сите посетители.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Костадинов: Требаше јас да излезам од ЗЕЛС за да почнеме сега да организираме состаноци, апсолутно не