Во Отвореното графичко студио во Музеј на град Скопје вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на стрип насловена „Вршац – Панчево – Скопје“ на која ќе се претстават седум автори од Македонија и Србија.
Музеј на Град Скопје информира дека идејата за групна регионална изложба на алтернативен стрип во Отвореното графичко студио постои одамна, но конечен облик добила за време на стрип-работилницата која во рамки на Креативните викенди се одржа минатата година во Лазарополе.
Учесници беа автори од Македонија и Србија: Александар Зограф, Данило Милошев Восток, Миле Ничевски, Горан Дачев и Атанас Ботев. Тие изложуваат десетина стрип табли и цртежи.
На изложбата ќе бидат претставени и серија уникатни везови од Гордана Баста, направени според заедничките цртежи на повеќе стрип цртачи од различни земји, а ќе бидат изложени и везови направени според заеднички цртеж на учесниците на работилницата во Лазарополе.
Целиот настан во Лазарополе филмски е документиран од Злата Војниќ Кортмиш (а.к.а Zlata VK) и филмот ќе биде прикажан на отворањето на изложбата.