Психолошката драма „Стари времиња“ на Харолд Пинтер вечерва премиерно ќе биде изведена во рамки на драмската програма на „Охридско лето“. Станува збор за најнова поставка на младата режисерка Нела Витошевиќ, а во изведба на актерската екипа на Народниот театар од Охрид.
Режисерот на претставата Нела Витошевиќ, за својата најнова поставка вели дека комплексноста на темите што ги третира ова, можеби најмногу обработувано дело на Пинтер, бара одредена зрелост, не само од режисерот туку многу повеќе од самата актерска екипа.
– Токму затоа дури сега се почувствував доволно зрела да работам на ваков предизвик, да се нурнеме во таа психилошка драма и да се обидеме да ги отвориме судбините на ликовите и да изцедиме максимум од текстот, рече режисерката Витошевиќ.
Таа се сложува со критичарите кои за Пинтер велат дека како автор не припаѓа на ниту еден стил, освен како драматург со својата оригиналност бара исто така оригинално толкување во театарската игра.
– Во таа смисла ние направивме колаж на сеќавања, една растурена сложувалка од сеќавања во која и оставаме на публиката сама да дава одговори…Не даваме дефинитивен одговор бидејќи и самиот автор вели дека постојат повеќе вистини и тоа е нешто што е карактеристично за неговите текстови, истакна Витошевиќ.
Драмата „Стари времиња“ третира повеќе теми, меѓу кои е кризата на бракот во 40-те години, односно како старите времиња влијаат врз актуелните размислувања на ликовите, како преку евоцирање спомени на минатото отвараат фрустрации, копнежи, болки…
Вечерашната претстава е 14-та премиера на Народниот театар од Охрид. Благодарение на поддршката на Министерството за култура театарот, што функционира во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“, од година во година ги подобрува условите за работа што придонесува за унапредување на квалитетот на театарот.
– Центарот за култура од Охрид е долгогодишен соработник на фестивалот „Охридско лето“, на обострано задоволство. Театарот што функционира во рамки на Центарот постојано го подобрува својот технички потенцијал, така што го подобрува и својот квалитет што се гледа од разновидноста на секвупната театарска понуда, верувам на задоволство на публиката во Охрид, истакна директорката на Центарот за култура, Драгана Боцеска.
Актерската екипа за вечерашната премира ја сочинуваат Ирена Ристиќ, Јасмина Билаловиќ и Горан Стојановски, а „Стари времиња“ ќе се игра на Малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во станрадсниот фестивалски термин од 21 часот.