„Срце од камен“ – исландско-данска копродукција на режисерот Гудмундур Амар Гудмундсон е најдобар филм на 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“, беше соопштено на синоќешното затворање на фестивалот во кино „Милениум“.
Избран е за најдобар меѓу осум остварувања во Официјалната селекција, според жирито, во состав: Семих Капланоглу, Евгенија Тирдатова и Марија Драндаки. Во нивното образложение е наведено дека филмот е „искрен и длабок опис на проблемите со кои се соочуваат тинејџерите во нивното растење“.
Награда за најдобра режија доби филмот „Надвор“ на Ѓорѓи Кристоф (копродукција меѓу Словачка, Франција, Унгарија и Чешка) затоа што „создава вистинска слика за денешниот живот во Источна Европа“. За најдобро сценарио беше награден филмот „Плоштад Америка“ кој е приказна за емиграцијата, а автори на сценариото се Вангелис Моурикис, Јанис Сакаридис и Јанис Цирбас.
Во натпреварувачката програма СинеБалкан меѓу шесте балакански филмови за најдобар беше прогласен албанскиот „Зора“ во режија на Гентијан Кочи, а Специјална награда во оваа селекција доби хрватскиот „Трамполина“ на режисерката Катарина Зринка Матијевиќ. Одлуката за филмовите во оваа програма ја донесе жири во состав: Ник Џелилај, Павлина Желева и Велибор Топиќ.
Меѓу филмовите од Студентската програма награден е „Чистота“ на Невен Самарџиќ од Академијата во Сараево. За најдобра филмска критика, пак, беа доделени втора и трета награда – на Максим Осман Николов и Сашо Пшенко.
Годинашниот „Синедејс“ го затвори филмот „Исцелител“ по сценарио и режија на Ѓорче Ставрески, кој беше прикажан во гала-програмата. Тоа беше негова македонска премиера по неодамнешната светска – на Солунскиот филмски фестивал. Филмот е македонско-грчка копродукција, финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Грчкиот филмски центар и SЕЕ Cinema Network.