„Случајот Хармс“ – премиера на Театар Комедија

Од:

За својот четврти роденден Театар Комедија вечер премиерно ќе ја изведе „Случајот Хармс“ – претстава за Даниил Хармс, еден од најконтроверзните, но и највлијателните руски автори од 20 век. Авторка на драматизацијата е Жељка Удовиќиќ-Плештина од Хрватска, а режисер е Дино Мустафиќ од Босна и Херцеговина.

Хармс се смета за авангардна икона на дисидентството, исклученоста и уметничката слобода, автор кој поради противењето на доктрината и авторитарноста на сталинизмот бил прогласен за луд и починал во затворската болница во Ленинград на 37 години.

Режисерот Мустафиќ кој работи во многу театри низ светот и кој во Македонија има поставено неколку претстави, за оваа постановка рече дека е неконвенционална и атипична во однос на она што е најчеста драматургија на нашите сцени.

– Се надевам дека тоа ќе и биде интересно на публиката на Театар Комедија. Имавме прекрасен процес на работа и направивме претстава за која мислам дека можеме да бидеме горди, бидејќи е сложена во својата драматургија. Тоа е претстава што многу бара во актерска смисла, затоа што е составена од низа елементи – кореографски, танцувачки, физички театар, акробатика, музика, па до слоевитоста на Хармсовиот текст, кој токму затоа што излегувал од литературните форми и конвенции, инсистира и бара едно длабоко интелектуално понирање во материјалот кој се обработува, рече Мустафиќ на прес-конференција по повод премиерата.

Додаде дека во неговата имагинација и апстрактност Хармс е близок на денешното време и дека иако од денешна перспектива е класик, се уште се луцидни неговите литературни импулси. – Тој е универзален писател зашто може да го играте на кој било меридијан на светот и во неговите описи, слики и хумор ќе ја препознавате сопствената отуѓеност или некој вид сопствена внатрешна миграција кога светот станува страшно вулгарен, примитивен и идеологизиран, додаде босанскиот режисер.

Според авторката на драматизацијата Удовиќиќ-Плештина, Хармс не е лесна забава, како што хуморот, апсурдот и пародијата по својата природа никогаш не се лесна забава.

– Внатре во себе тој ја има противречноста, има потреба да се спротивстави, нешто да коментира. Таа дихотомија е всушност основната карактеристика на Хармсовото творештво, но и на неговиот живот. Покрај тоа што бил неприспособен и со својот хумор ги кршел нормите, втората карактеристика е односот кон еротското, кон вљубеноста за кои тој цело време пишувал преку своето дело. Оттука, еросот и танатосот се одредница на делото на Хармс, рече Удовиќиќ-Плештина.

Во улогата на Хармс ќе биде Илија Илиоски, а покрај него во актерската екипа се и: Жаклина Петровска, Мирјана Ристов, Ева Скендеровска, Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски и Столе Мицов. Сценографијата е на Крсте Џидров, костимограф е Благој Мицевски, кореографка Саша Евтимова, а музиката е на Оливер Јосифовски.

„Случајот Хармс“ е прва премиера на Театар Комедија во 2016 година со поддршка на Министерството за култура, а втора во оваа година откако со сопствени средства театарот неодамна ја постави „Вардарски пастуви“.

Би можело да ве интересира

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Џенкинс: Да ги надминеме традиционалните сценски простори, да се вклучиме во заедниците

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он