Сликарот Александар Иванов добитник на откупната награда на концептот „Несовршен простор“

Од:

Сликарот Александар Иванов е добитник на откупната награда во рамки на концептот „Несовршен простор“ за групна изложба на современи македонски сликари и активни автори, за сликата „Извор“.

Паричната награда од 30.000 денари и симболична креација Златен лист работена во месинг, во чест на великанот на македонското сликарство, Владимир Георгиевски ќе му биде доделена за делото работено во комбинирана техника за хартија, објаснуваат организаторите.

– Сликата „Извор” на Александар Иванов е суптилна фигуративна претстава на ангел кој свири (гласник) која изобилува со раскошен колорит и прецизен естетски цртачки пристап. Фигурата на ангелот е насликана во еден ритам, како вибрации од звуци, а целата атмосфера во сликата е налик на небесна музика. Делото духовно комуницира со старите средновековни мајстори, кои на еден специфичен начин, со детски и чеден пристап ги живописаа боженствените претстави на небесните суштества во храмовите, соопшти Здружението за култура „Транзен“, од Струмица.

Во образложението за наградата додаваат дека „детската наивност овде е издигната во симбол, знак, кој со еден реалистичен, високоестетски оформен ликовен јазик, аналитички ја гради архитектурата на сликата“.

Александар Иванов е роден во Штип 1978 година. Дипломирал на Факултетот за Ликовни уметности во Скопје во класата на Родољуб Анастасов. Живее и работи во Штип како слободен уметник, целосно посветен на сликарската уметност.

За доделувањето на наградата едногласно одлучија Александар Дончев, фотограф, Никола Пијанманов, ликовен уметник и Далибор Плечиќ, книжевник.

Делото на Александар Иванов ќе биде дел од изложбата „Несовршен простор” на која беа селектирани деветнаесет уметници. Изложбата ќе биде отворена на 26 октомври во Галерија на Музеј Струмица.

Проектот е во рамки на Г1 програмата на општина Струмица за поддршка на граѓански организации.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска