Сликарката Мирјана Крстева-Массети од Гевгелија ќе учествува на изложбата со наслов „Аналогни асоцијации“ што ќе биде отворена вечерва во Македонскиот културен центар во Софија.
– Сликите со кои ќе се претставам се креации на духот и таму каде што постои тој не повторува, туку ја возобновува уметноста. Ги цртам нештата за кои на јаве не се зборува. Можеби тоа ги прави моите слики езотерични, но верувајте тие зрачат со искреност, изјави денеска Крстева-Массети пред заминувањето за Софија.
Таа е член на ДЛУМ, а нејзиното ликовно творештво бележи 13 самостојни изложби во земјата и странство, како и многубројни настапи на групни изложби. Авторката активно негува љубов за повеќе ликовни сфери,сликарство,графика и цртежот како прв артикулиран медиум.
На изложбата во Софија ќе излагаат уште и Христина Георгиева и Тодора Петева, автори со акцентиран индивидуализам и волшебна дарба да истражуваат нови медиуми, нови реалности, нови универзуми.