Во Галерија Миејска (Градска галерија) во Вроцлав, Полска, вечер во 18 часот ќе биде отворена изложба на Александар Станкоски насловена „Слаткарница Европа“. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски, а соработници се Кашја Јозвиак и Горан Путица.
– Ацо Станкоски, како сведок на актуелните случувања и ситуации, ја гради својата естетска стратегија на демистификација на општествените феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања како на локално, така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање синтеза на историските уметнички правци и за реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби…, соопшти Колектив Зеро.
Изложбата се реализира и организира на покана на Галерија Миејска од Вроцлав и е помогната од Министерството за култура на Република Македонија.