СКРМ: Културата под камшикот на бирократите

Од:

Синдикатот на култура реагира со отворено писмо за игнорантскиот став на Министерството за култура за барањата на неговите членови и на изјавите на неколку директори на национални институции од културата

„Поминаа неколку дена од нашата прес конференција каде што го изразивме незадоволството на вработените во културата од новиот „Закон за култура“, непостоечкиот колективен договор, нашиот социјално-економски статус и опструкциите при регистрирањето на синдикалните организации од седум институции.

За жал, ресорното министерство не најде доблест да реагира директно, туку се скри зад реномето на неколку директори кои беа ставени во позиција на портпароли. Во нивните, веројатно изнудени реакции, овие луѓе се обидоа суштината на проблемите во културата да ја пренасочат на помалите институционални аномалии за кои алармиравме. Се разбира, ниту еден од нив, со оглед на тоа што се луѓе од нашата фела, не се стави во својство на апологет на Законот за култура, ниту пак се израдува на „квалитетниот колективен договор“.

Нормално, ниту еден вработен во културата нема да се согласи со тежок бирократски документ кој наместо да стимулира и канализира креативност, служи и ќе служи како драконски механизам во рацете на државната администрација, независно од структурата на власт. Ниту еден вработен во културата не се чувствува среќен кога Законот го нарекува „давател на јавни услуги“, небаре делата на уметниците и културното и духовното наследство се нешто што се добива на шалтер во работно време од 8-16 часот. И згора на сè, истиот тој фин закон предвидува екстремно високи глоби и кривична одговорност по хиерархиска линија, почнувајќи од директорот па надолу кон вработените.

Токму тука, се согледува континуираната тенденција на администрацијата од Министерството за култура, одговорноста и вината секогаш да бидат префрлени врз носителите на дејност, врз сценско-музичките уметници, театарските уметници, кустосите, конзерваторите и библиотекарите.

Колективниот договор во културата е страшен трн во ногата на Министерството, но, се разбира, болката ја чувствуваат вработените. Платите помеѓу различните дејности воопшто не се усогласени, а службените дневници за патни трошоци и теренските додатоци на вработените во заштитната дејност (музеите и заводите), единствено во Македонија, од сите земји во регионот, не се исплаќаат.

Па така има ситуации во кои вработени со средно образование во една дејност од културата, земаат поголема плата од вработени со докторски дисертации во друга дејност. Исто така, бирократите во Министерството за култура не сакаат да го прифатат фактот дека теренската работа се одвива во надворешни услови, надвор од работното време и на сметка на здравјето, на приватниот живот, а во последните години и на џебот на вработените.
Во една ваква состојба, постоењето на Синдикат на културата во Република Македонија е природен процес произлезен од потребата на носителите на дејноста, а не од желбите на политичките структури и нивните поданици во државната администрација.

Токму тие поданици, кои не ја познаваат суштината на различните дејности во културата се авторите на несинхронизирани закони, неадекватни правилници и други подзаконски акти со катастрофални последици. Истите поданици ги кастрат буџетите на институциите и проектите од Годишните програми како да е тоа пазар на зеленчук, а не национален интерес.

Единствен приоритет на Синдикатот на културата на Република Македонија претставува заштитата на правата на вработените како уставно право. Уставот го гарантира правото на избор, а Законот за работни односи правото на синдикално здружување, па поради тоа го повикуваме Министерството за труд и социјална политика да ја напушти административната летаргија и да ги процесира барањата за регистрација на синдикалните организации затоа што законскиот рок е пробиен веќе десет месеци. “, стои во писмото на Аиндикатот на култура.

Би можело да ве интересира

СКРМ и СОНК со опомена за тужба до Министерството за култура поради прекршување на колективниот договор

Ана Ололовска

СКРМ добил понуда одредбите за плати да се спроведат од јули 2020

Ана Ололовска

Еднодневен предупредувачки штрајк во институциите од културата

Ана Ололовска

СОНК утре ќе го поддржи штрајкот во културата најавен од СКРМ

СКРМ: Има позитивна реакција од Владата за колективен договор во културата до крајот на годинава

ВИДЕО: Чиновниците во министерството се сервис, за културата и нашиот статус одлучуваме ние

Ана Василевска